Ahmed Asmar
18 Јуни 2024•Ажурирај: 18 Јуни 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Висок американски претставник ги предупреди израелските власти дека продолжувањето на конфронтацијата меѓу Израел и Хезболах може да доведе до „напад од широки размери на Иран“, тврдат израелските медиуми денес, пренесува Анадолу.
Весникот Хаарец објави дека Хохштајн, кој е висок советник на американскиот претседател Џо Бајден, им рекол на израелските власти вчера дека ќе биде тешко за одбраната на Израел да пресретне голем ирански напад врз Израел.
Посетата на Хохштајн на Израел и Либан следуваше откако групата Хезболах ги прекина нападите врз Израел за Курбан бајрам, еден од двата најголеми муслимански празници, кој започна во неделата.
Весникот го цитираше Хохштајн дека се надева оти ќе ја искористи паузата во размената на оган меѓу двете страни за да воспостави рамковен договор за прекин на огнот во иднина.
Тој, сепак, рече дека таков договор не може да се спроведе без официјален прекин на огнот во Газа.
Американскиот советник изрази надеж дека упадот на израелската Армија во Рафа ќе биде завршен за две или три недели, што ќе го намали интензитетот на конфликтот меѓу Хезболах и израелската Армија.
Израелската Влада сѐ уште не одговори на објавата на Хаарец.
Хохштајн моментално е во Бејрут, каде што се состанува со либанските официјални претставници за да разговара за граничниот спор меѓу Израел и Хезболах.
Тој вчера го посети Израел, каде што се состана со највисоките израелски претставници, вклучително и со премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант.
Од почетокот на војната во Газа минатиот октомври, секојдневно има размена на оган, а илјадници цивили се раселени од двете страни на заедничката граница.
Хохштајн одигра клучна улога во договорот за поморската граница на Израел и Либан, што беше потпишан во октомври 2022 година.