Enes Kanlı
12 Јули 2016•Ажурирај: 13 Јули 2016
БЕЈРУТ (АА) – Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Марк Ајро, во рамките на посетата на Либан, оствари средба со либанскиот премиер, Темам Селам и изјави дека Франција ќе стори сѐ што може за да се стави крај на кризата во Либан, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата, која се одржа по состанокот, Ајро излезе со порака до Селам, во која вели дека „Либан ќе продолжи да биде приоритет за Франција“.
„Треба да се стави крај на политичката криза, за да може да се надмине проблемот со бегалската криза, која е рeзултат на војната во Сирија, како и останатите кризни прашања. Франција ќе стори сѐ што може за да се стави крај на кризата во Либан“, изјави францускиот министер.
Ајро притоа ги повика политичките актери од земјата да „преземат одговорност“, а потоа следуваше најава за средбата во подоцнежните часови, меѓу лидерот на движењето Амал и претседателот на Собранието, Набих Бери, со министерот на надворешни работи Џибран Басил.
Според објавата, на средбата ќе биде дискутирано за претседателската криза во државата, како и за големиот број сириски мигранти во земјата, кој според податоците од Обединетите нации, се проценува на 1,1 милион.
Од друга страна, пак, за време на првиот ден од посетата на Ајро во Либан, беа остварени средби затворени за медиумите, меѓу лидерот на Прогресивното движење Саад Харири, кандидатите за претседател на државата, маронитските лидери, лидерот на Патриотското движење за слобода Мишел Авни и лидерот на движењето Марада, Сулејман Франци.
Во изјавата од страна на либанските претставници, не беше изнесена никаква информација во врска со содржината на одржаните состаноци.
Либанскиот парламент, во текот на изминатите две години не успеа да избере нов претседател на државата по истекувањето на мандатот на Мишел Сулејман, во мај 2014 година.