Ahmed Asmar
18 Јуни 2024•Ажурирај: 26 Јуни 2024
ГАЗА (АА) - Властите во Газа алармираат дека над 3.500 деца низ Појасот Газа се во опасност од глад поради тековната засилена опсада од страна на Израел и затворањето на премините за влез на хуманитарна помош, пренесува Анадолу.
Во соопштението, владината канцеларија за медиуми со седиште во Газа рече дека Газа „брзо“ се движи кон глад поради „израелскиот и американскиот заговор да се спречи“ влегувањето на хуманитарната помош во Газа.
„На 3.500 деца им се заканува смртта поради неисхранетост, недостаток на додатоци во исхраната и вакцини кои станаа дел од забранетите артикли за влез во Газа“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на израелските рестрикции.
Се додава дека „злосторството за забрана на влезот на храна и лекови“ го влошува страдањето на Палестинците во Газа.
Канцеларијата за медиуми побара итна меѓународна интервенција за да се запре израелската политика на изгладување на Газа и да се отворат премините со Газа за да се овозможи проток на хуманитарна помош во погодената од војна енклава.
Непочитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Оттогаш, во израелските напади врз Појасот загинати се повеќе од 37.350 Палестинци, повеќето жени и деца, а над 85.400 се повредени, според податоците на локалните здравствени власти.
Во текот на осум месеци од почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, а владее и блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред копнената офанзива врз градот на 6 мај.