Tevfik Durul
30 Јули 2019•Ажурирај: 31 Јули 2019
ШАНГАЈ (АА) - Тевфик ДУРУЛ
Шангај, најголемиот град во Кина, во голем број области, особено во делот на економијата и финансиите претставува „град витрина“ на земјата.
Шангај до пред неколку векови бил мал рибарски град, а денес е веќе метропола, која од 1990 година стана движечка сила на земјата, со потегот на реформите и пазарната економија на Динг Шиаопинг, архитектот на отворањето на Кина кон другите земји.

Со население од 26,32 милиони и со својата космополитска структура, Шангај денес привлекува внимание. По големите проблеми предизвикани од востанијата и окупирањето низ целата историја, од 1990 година со основањето на берзата во Шангај и овластувањето на централната власт за развој на пазарната економија во 1992 година, Шангај ја започна авантурата да стане кинескиот економски гигант.
Шангај, што значи „на море“ на кинески јазик, се наоѓа во делтата на реката Јангце, која се нарекува „басен за плодност“ на истокот на земјата.
Шангај, исто како и главниот град Пекинг, градовите Тијанџин и Чонгчинг, е град – покраина и се смета за упориште на модерната економија во земјата.
- Град на облакодери
Шангај е дом на 126 облакодери високи повеќе од 150 метри. По Хонгконг, Њујорк и Дубаи, е на четврто место во светот по бројот на облакодери. 125-катната Шангајска кула во метрополата со висина од 632 метри е меѓу најважните обележја на градот.
Покрај тоа, Финансискиот центар „Шангај“, Кулата „Синмао“, Светскиот трговски центар и „Плаза 66“, кои се лоцирани во Луциазуи, финансиска област на источната страна на градот, се меѓу првите 5 најголеми облакодери во градот.

„Вај Тан“ (крајбрежно шеталиште), со западната архитектура и прекрасните градби кои потсетуваат на Европа од 20 век, порано бил дом на азиските претставништва на европските банки, а денес се издвојува како центар на најголемите кинески банки.
Од друга страна, улицата „Нанцинг“ близу областа Вај Тан е едно од најпопуларните места за туристите што го посетуваат градот.

- „Соба за експерименти“ на Кина
Шангај, покрај тоа што е лицето на Кина, која се отвара кон светот, ја извршува и функцијата „соба за експерименти“ на земјата. Новите регулативи и практики што треба да бидат ставени во сила од администрацијата во Пекинг, најпрвин се тестираат во Шангај.

Во овој поглед, Шангај, секогаш ја „надминува Кина“ затоа што најпрвин ги користи можностите и предностите што кинеските власти планираат да ги шират низ целата земја.
Шангај претставува меѓународна метропола која игра голема улога во целокупниот социјален и економски развој на Кина.
Со само 1,8 отсто од населението на земјата и 0,06 отсто од нејзината територија, Шангај придонесува со околу 8 отсто во финансискиот приход на земјата.
Според податоците за 2018 година, гигантската метропола каде што националниот приход по глава на жител е 135 илјади јуани (околу 19.622 долари), претставува „зеница во окото“ на Кина, најнаселената земја на светот со население од 1,43 милијарди, а исто така се опишува и како „Бисер на истокот“ во Азија.