Islam Uddin
29 Декември 2024•Ажурирај: 30 Декември 2024
АНКАРА (АА) - Јужнокорејските власти денес соопштија дека сметаат дека во авионската несреќа на Меѓународниот аеродром Мусан животот го изгубиле 179 лица објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
„Од 181 патник, повеќето се претпоставува дека се мртви, освен двајца кои се спасени“, изјавија претставници на противпожарната служба на Џеола на нивниот брифинг пред семејствата на патниците на аеродромот, јави новинската агенција Јонхап.
Но, властите потврдија 122 загинати во несреќата.
Авион на „Џеџу ер“ со 181 патник, вклучително и шест членови на екипажот, се запали за време на слетувањето откако наводно доживеал проблеми со опремата за слетување околу 9:07 часот по локално време во округот Муан, 288 километри југозападно од јужнокорејскиот главен град Сеул, објави Јонхап.
Двомоторниот авион, кој се враќал од Бангкок, излетал од пистата и удрил во ограда пред да удри во ѕид со огнена експлозија.
На снимките на локалните медиуми се гледа како авионот се лизга по пистата, зафатен од пламен и остатоци.
Патник и член на екипажот се пронајдени живи во делот од опашката, а спасувачките акции продолжуваат.
Поголемиот дел од патниците биле и Корејци, освен двајца тајландски државјани.
Претставник на аеродромот изјави дека властите се фокусираат на спасување на затрупаните во остатоците.
Вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја, Чои Сунг-мок, наложи „опсежни операции за спасување“.
Чои, кој го презеде привременото водство со државата поради политичката криза, свика итен состанок.
„Џеџу ер“ по инцидентот изјави дека ги „проверува извештаите за несреќата“.
Несреќата е една од најсмртоносните авионски несреќи во Јужна Кореја во последните години.
Првичниот пожар е изгаснат, а во тек е увид за утврдување на причините.