Cüneyt Karadağ
02 Јули 2019•Ажурирај: 03 Јули 2019
БЕРЛИН
Во североисточниот дел на Германија се наоѓа покраината Мекленбург-Западна Померанија, во која викендов избувнаа пожари, кои поради високите температури сѐ уште не се ставени под контрола. Во пожарот досега е уништена шумска површина од 600 хектари, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението што преку својот профил на социјалните мрежи го објави полицијата на Лудвигслуст, се наведува дека пожарот уништил шумска површина од 600 хектари. По соопштението објавено од страна на полицијата, германските медиуми информираа дека е можно опожарената површина да достигне 1.000 хектари.
Покраинскиот министер за животна средина, Тил Бакхаус, во својата изјава рече „Моја желба од Господ е да заврне дожд, и тоа итно.“
- Војската го потпомага гаснењето на пожарот
Во гаснењето на пожарот во кое учествуваат 2.000 лица, поддршка дава и војската со воена опрема.
Покрај противпожарните екипи што доаѓаат од четири различни сојузни покраини, во гаснењето на пожарот учествуваат и 12 возила ТОМА (возила со шмркови кои ги користи полицијата и војската при растерување на демонстранти) и 6 хеликоптери.
Пожарот избувнал на подрачје кое до 2013 година германската војска го користела за обука, и бидејќи под површината се наоѓало големо количество муниција и експлозивни материјали, во гаснењето на пожарот се вклучени и блиндирани возила, за да им отворат безбеден пат на противпожарните возила.
- Евакуирани се околу 800 лица
Досега од подрачјето опфатено со пожарот, евакуирани се околу 800 луѓе од шест села.
Покрај тоа, раководството на покраината соопшти дека за подрачјата кои се во близина на пожарот важи забрана за управување со дрон и побара спроведување на забраната. Раководството истакна дека дроновите претставуваат опасност за хеликоптерите.
Во веста објавена во германските медиуми се наведува дека полицијата се сомнева дека е можно пожарот да е подметнат.