Ömer Faruk Yıldız
09 Април 2021•Ажурирај: 10 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Бројот на луѓе што го загубија животот како резултат на оружената интервенција на безбедносните сили во протестите против воениот удар во Мјанмар се искачи на 614, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во дневниот извештај објавен од Здружението за помош на политички затвореници (AAPP) се истакнува дека во последните 24 часа починале 16 лица, а приведени се вкупно 2.857 лица.
Се наведува дека има потерници за 500 лица кои се против пучот.
- Избувнаа судири меѓу демонстрантите и Армијата
Од друга страна, според националните весници „Мјанмар нау“ (Myanmar Now) и „Иравади“ (The Irrawaddy), вчера се случи оружен судир меѓу демонстрантите и Армијата на Мјанмар во градот Тазе во провинцијата Сагаинг.
Откако војниците користеа вистински куршуми против толпата што протестира, демонстрантите ги нападнаа војниците со рачно изработени експлозиви и ножеви.
-Воен удар во Мјанмар
Мјанмарската војска на 1 февруари оваа година изврши воен удар и ја презеде власта во земјата под изговор дека ноемвриските избори биле нерегуларни. Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, вклучувајќи ја и мјанмарската лидерка Аунг Сан Су Чу.
Масовните протести против воениот удар започнаа на 6 февруари, а воената хунта одговори со репресивни интервенции.
Додека продолжуваат демонстрациите, продолжува и судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.