Tufan Aktaş
30 Март 2023•Ажурирај: 01 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Бројката на заразени со вирусот Марбург, многу заразна и смртоносна болест слична на ебола, се зголеми на 13 во Екваторска Гвинеја, пренесува Анадолу.
Од Министерството за здравство информираат дека бројката на заразени се зголемила на 13, а бројката на починати изнесува 9.
Од почетокот на епидемијата досега едно лице ја преживеало болеста и закрепнало, додека бројката на контакти со заразените, што ја следи Министерството изнесува 825.
Освен во Екваторска Гвинеја, вирусот минатата недела е потврден и во Танзанија, една од источноафриканските земји.
Тедрос Аданом Гебрејсус, генерален директор на Светската здравствена организација (WHO), вчера објави дека се подготвени протоколите за испитување на 4 вакцини против вирусот Марбург.
Првпат овој вирус е идентификуван во 1967 година во поранешна Југославија, по истражувањата поврзани со увезените африкански зелени мајмуни.
Марбург е вирус од истото семејство како и еболата.
Инфекциите на почетокот настануваат како резултат на подолга изложеност во рудници и пештери во кои живеат колонии на лилјаци од семејството Rousettus.
Откако индивидуата е заразена, болеста може да се шири од човек на човек, а тоа може да се случи со директен контакт преку крвта, органите или други телесни течности на заразените луѓе и преку површини и материјали што се веќе контаминирани со тие течности.
Симптомите, како што се висока температура, силна главоболка, слабост и повраќање, се јавуваат ненадејно кај инфицираните лица, а тешки симптоми на хеморалгија се развиваат кај голем број пациенти во рок од 7 дена.
Стапката на смртност од вирусот Марбург, за кој нема вакцина ниту посебен третман, варира од 23 до 90 отсто.
Од последиците на вирусот Марбург во Ангола во 2005 година животот го загубија 90 отсто од 252 заразени лица.