Dildar Baykan
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
ДАЛАС (АА) - Во Тексас е забележан првиот случај на заразување со вирусот зика кај жена што претходно не патувала во подрачја каде што е регистрирана инфекцијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Резултатите од тестирањето покажаа дека жената од Камерон Каунти, во близина на границата со Мексико, која не е бремена и која во последно време не патувала во ризичните области, е заразена со вирусот зика, соопшти Агенцијата за обезбедување на здравствени услуги во Тексас.
Во соопштението се истакнува дека е извршено тестирање и кај шест лица кои живеат заедно со заразената жена, но дека кај нив не е регистрирана инфекцијата. Исто така, официјални лица кои се занимаваат со ова прашање го информираа населението за случајот и за заштитните мерки кои треба да се преземат.
Вирусот е пронајден во урината на жената, но не и во крвта, поради што не постои можност вирусот да е пренесен преку комарци во оваа област.
„Ние не веруваме дека вирусот ќе се прошири во Тексас, но постои можност дека има повеќе случаи на инфекција. Поради оваа причина, населението кое живее во потоплите подрачја треба да биде заштитено од каснување на комарец“, рече лекарот Џон Хелерстед од Агенцијата за обезбедување на здравствени услуги во Тексас.
За вирусот зика не постои вакцина или лек за лечење на вирусот. Симптомите обично вклучуваат треска, осип, болки во зглобовите, црвенило на очите и болка во мускулите, главоболка и повраќање. Тие обично почнуваат три до седум дена по каснување од комарец. Покрај каснување од комарец, вирусот зика се пренесува и се шири преку трансфузија на крв, но исто така и преку сексуален контакт.
Вирусот за првпат е регистриран во 1947 година кај мајмуните во Уганда, а инфекцијата ескалираше минатата година во Бразил.