Ekipa
03 Мај 2020•Ажурирај: 04 Мај 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Египетски опозициски извори соопштија дека режисерот Шади Хабаш починал во затвор во јужниот дел на Каиро поради влошена здравствена состојба, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Режисерот и продуцент Шади Хабаш почина на 24-годишна возраст во затворот „Тора“ во јужно Каиро“, напиша на Твитер пејачот Рами Есам.
Хабаш беше уапсен во март 2018 година, еден месец откако Есам промовираше сатирична песна што се рашири во медиумите, попозната како Балаха, во која се критикува кандидирањето на претседателот Ел Сиси за втор мандат.
Есам рече дека Египетското државно обвинителство го обвинило Хабаш за „ширење лажни вести и пристапување во терористичка група“.
Неколку припадници на опозицијата ја потврдија смртта на Хабаш, меѓу кои и поранешниот министер Мухамед Махсуб, активистката Аја Хијази и познатиот египетски режисер Халид Јусеф.
Арапската мрежа за информации за човековите права исто така напиша на Твитер дека Хабаш починал „како резултат на небрежност и отсуство на правда, по повеќе од две години минати во неговата келија“.
Властите не се произнесоа во врска со смртта на Хабаш.
Хабаш, наводно, напишал писмо во октомври 2019 година во кое бара поддршка.
„Затворот не убива, но осаменоста убива“, напишал Хабаш. „Во последните две години се обидов да се спротивставам, но не можам повеќе“, пишува во писмото чија веродостојност Агенција Анадолија допрва треба да ја истражи.
„Амнести интернешнал“ (Amnesty International) во март побара од Египет да ги ослободи „затворениците од политички и религиски причини“ поради коронавирусот.
„Хјуман рајтс воч“ (Human Right Watch) соопшти дека во египетските затвори има околу 60.000 политички затвореници во кои има пренатрупаност, а во овие услови се подложни на коронавирусот.