Sinan Doğan
19 Август 2021•Ажурирај: 20 Август 2021
БОГОТА
Бројот на лицата што ги загубија животите во земјотресот со интензитет од 7,2 степени според Рихтеровата скала што во саботата го потресе брегот на Хаити, се зголеми на 2.189, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Агенцијата за цивилна одбрана на Хаити објави дека бројот на луѓе кои починале во земјотресот се зголемил на 2.189, додека бројот на повредените изнесува 12.268.
Официјални лица информираа дека досега се уништени повеќе од 60.000 куќи, а 76.000 куќи и многу јавни објекти се оштетени од силниот земјотрес, додавајќи дека во тек се активности за откривање и спасување на преживеаните под урнатините.
Владата на земјата по катастрофалниот земјотрес упати повик за меѓународна помош.
Американскиот геолошки завод објави дека епицентарот на земјотресот со интензитет од 7,2 степени бил на 12 километри североисточно од Сен-Жан ди Сид.
Премиерот на Хаити, Ариел Хенри, изјави дека поради земјотресот кој предизвика голема материјална штета, во земјата е воведена едномесечна вонредна состојба.