свет

Во израелските воздушни напади во Газа убиени 22 Палестинци, многумина се ранети

Израел се соочува со обвиненија за геноцид за неговите постапки во Газа пред Меѓународниот суд на правдата

Alperen Aktaş  | 05.09.2024 - Обновена : 05.09.2024
Во израелските воздушни напади во Газа убиени 22 Палестинци, многумина се ранети

ГАЗА (АА) - Најмалку 22 Палестинци се убиени, а многумина се ранети во вчерашните израелски воздушни напади врз локации низ Појасот Газа, јавува Анадолу.

Информацијата ја соопшти Махмуд Басал, портпарол на палестинската цивилна одбрана.

Според Басал, во два израелски напада во северниот дел на Појасот Газа убиени се седуммина Палестинци. Шест лица се убиени и повредени во напад во близина на кулите Шеик Зајед, а уште едно лице е убиено во напад на раскрсницата Хуџа во бегалскиот камп Џабалија.

Басал рече дека 10 Палестинци се убиени во четири воздушни напади во гувернератот Газа. Еден од нападите бил насочен кон куќата на семејството Џоуде во областа Шеик Радван, при што биле убиени пет лица.

Во друг напад била погодена куќата на семејството Ладави во Источен Зејтун, при што загинале двајца Палестинци. Третиот напад во овој кварт бил насочен кон група цивили, при што загинале двајца, а во четвртиот напад врз куќата на семејството Мадхун во населбата Дараџ бил убиен еден Палестинец.

Во централниот регион на Газа, во три воздушни напади загинале петмина Палестинци. Првиот напад бил насочен кон куќата на семејството Фараџала во бегалскиот камп Нусејрат, при што загинале три лица.

Уште еден Палестинец бил убиен во напад врз цивили во бегалскиот камп Нусејрат, а петтиот бил убиен во артилериски напад во близина на улицата „Дава“, источно од кампот.

Басал, исто така, истакна дека спасувачките тимови ги извлекле телата на двајца Палестинци од улицата „Ал-Шакуш“, северозападно од Рафа, иако не е наведен точниот датум на нивната смрт.

Според локалните здравствени власти, повеќе од 40.800 Палестинци, главно жени и деца, се убиени од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври минатата година, а речиси 94.400 се повредени.

Тековната блокада на енклавата доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од регионот е во урнатини.

Израел се соочува со обвиненија за геноцид за неговите постапки во Газа пред Меѓународниот суд на правдата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.