Merve Aydoğan
18 Септември 2018•Ажурирај: 18 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Независната истражна мисија на Обединетите нации (ОН) за Мјанмар соопшти дека е присутна геноцидна намера против муслиманското малцинство Рохинџа, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на мисијата на ОН, муслиманите Рохинџа се именуваат како заштитена група и се наведува дека безбедносните сили на Мјанмар над оваа популација извршиле четири од петте забранети дела кои се дефинираат како геноцид.
Истражителите на ОН наведуваат дека војската на Мјанмар извршила забранети дела на убивање, нанесување тешки телесни и ментални повреди, наметнување тешки услови за живот, со цел психичка деструкција на дел или на целата група, како и спроведување мерки, со цел спречување на раѓање деца во групата.
Мисијата на ОН ги повика компетентните истражни тела и судовите да спроведат истрага и да подигнат обвиненија против одговорните, со цел да се утврди индивидуална одговорност.
Настаните кои драмата со араканските муслимани ја ставија во фокусот на светската јавност се случија на 25 август минатата година.
Под плаштот за борба против милитантните напади врз полициските контролни пунктови, армијата на Мјанмар и будистичките милитанти тој ден тргнаа во брутални напади врз муслиманите Рохинџа (аракански муслимани) во кои сурово се убиени над 24.000 припадници на ова малцинство.
Нападите прераснаа во класичен облик на етничко чистење, а мјанмарската војска запали стотици муслимански села. Од тоа подрачје во Бангладеш избегаа над 750.000 муслимани.