Во израелските воздушни напади низ Газа убиени уште 16 Палестинци
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ќе ги ескалира нападите врз Газа додека се прават напори за спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата

ГАЗА ГРАД/АНКАРА (АА) - Најмалку уште 16 Палестинци се убиени, а неколкумина се ранети во серија израелски воздушни напади во текот на денешниот ден низ разурнатиот од војна Појас Газа, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Изворите рекоа дека три лица ги загубиле животите во воздушен напад врз населбата Шуџаја во источниот дел на градот Газа.
Уште две лица се убиени, а неколку други се повредени кога израелски борбени авиони погодија дом во близина на училиштето „Аин Џалут“ во населбата Зејтун во истиот град, додадоа изворите.
Воени авиони извршија напад и врз куќа во јужниот град Кан Јунис, при што убиени се осум лица, изјави друг медицински извор.
Уште еден Палестинец е убиен во друг напад чија цел беше група цивили во областа Кизан Расван во јужниот дел на Кан Јунис.
Едно палестинско дете е убиено, а неколкумина Палестинци се повредени при израелско гранатирање на шатор во кој се сместени раселените во Ал-Маваси, западно од Кан Јунис. Уште едно лице е убиено, а четири се ранети при артилериско гранатирање во Абасан ал-Кабира, источно од Кан Јунис.
Според очевидци, израелските сили продолжиле да уриваат станбени згради во северниот дел на градот Рафа, јужна Газа.
Минатиот викенд, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ги ескалира нападите врз Газа додека се прават напори за спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата.
Над 50.600 Палестинци се убиени во Газа во бруталната израелска офанзива која започна во октомври 2023 година, повеќето од нив жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење за Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.