Mohamed Sabry Emam Muhammed
27 Октомври 2019•Ажурирај: 27 Октомври 2019
БАГДАД (АА) - Седуммина ирачки демонстранти сe застрелани од милициски сили поддржани од Иран, во јужниот ирачки град Хила, јавува Anadolu Agency (AA).
Милитантите од организацијата Бадр, поврзани со шиитските милициски сили Хашд ал Шаби, отворија оган врз демонстрантите во текот на ноќта, при што убија 7, а повредени беа 42 демонстранти, изјави локален полициски службеник кој сакаше да остане анонимен бидејќи не бил овластен да говори за медиумите.
Снимките на активистите покажуваат како милицијата отвора оган врз демонстрантите и безбедносните сили во градот.
Организацијата Бадр е член на провладините сили Хашд ал Шаби.
Од петокот, неколку ирачки покраини беа зафатени од нов бран протести насочени против корупцијата на Владата, невработеноста и немањето основни услуги.
Според ирачката Висока комисија за човекови права, најмалку 63 лица загинале, а над 2.500 се повредени за време на демонстрациите.
Незадоволството во Ирак во последниве години е во пораст поради зголемената стапка на невработеност и големата корупција. Голем дел од населението има ограничен пристап до основните потреби, како електрична енергија и чиста вода.
Според податоците на Светската банка, Ирак има висока стапка на невработеност кај младите од околу 25 отсто. Ирак е рангиран како 12-та најкорумпирана земја во светот од страна на повеќе организации за транспарентност.