Ekip
20 Април 2020•Ажурирај: 21 Април 2020
ИСТАНБУЛ
Денес во Истанбул со свечена церемонија беше отворена големата Градска болница „Башакшехир“, којашто се простира на површина од милион квадратни мерки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство на Турција, Фахретин Коџа,во обраќањето на церемонијата рече дека болницата е изградена на 789 илјади квадратни метри и дека има пејзажна површина од 171 илјада квадратни метри.
„Болницата располага со 145 илјади квадратни метри простор за состаноци. Вкупната затворена површина е 1 милион и 21 илјада квадратни метри. Нашата болница има многу логистички области и во 1 милион квадратни метри внатрешна површина, 304 илјади квадратни метри е медицинска површина. Има вкупен капацитет за паркирање од 8.134 возила, 1.713 се на отворен простор, 6.421 во затворен простор. Има вкупно 725 простории за преглед и вкупно 2.688 болнички кревети. Овие кревети ако има потреба може да се претворат во кревети за интензивна нега по сите стандарди“, нагласи министерот Коџа.
Истакнувајќи дека во болницата има 28 породилишта, 90 сали за операција, единица за изгореници со 16 кревети и вкупно 426 кревети за интензивна нега на новороденчиња и полнолетни пациенти, Коџа рече дека во болницата со користење на системот на „три генерации“ (каде што може да се произведува истовремено електрична енергија, греење и ладење) задоволени се 50 проценти од енергетските потреби, а исто така има систем за зачување на дождот, кој ќе се користи за наводнување на пејзажните површини.
- „Безбедносната контрола се спроведува со 3.466 камери“
Наведувајќи дека болницата е опремена со паметен градежен систем со целосна автоматизација, Коџа додаде:
„Во кампусот изградени се велосипедски патеки, места за паркинг, станици за полнење на хибридни автомобили, енергетски и еколошки дизајни кои се на ниво на добивање сертификат за зелена градба. Откако ќе се отвори и Градската болница „Санџактепе“, во двата дела на Истанбул ќе имаме две големи здравствени бази опремени со најмодерна техника. Истанбул, кој е еден од најважните градови во светот со стратешка локација на крстосницата на Азија и Европа, исто така ќе биде водечки град во светот во однос на здравствената инфраструктура заедно со нашите болници од двете страни на градот.“
Турскиот министер за здавство истакна дека безбедносната контрола во кампусот ќе се извршува со 3.466 камери со целосна ХД-резолуција.
Објаснувајќи дека на вкупно 30 илјади квадратни метри на влезот во болницата има Оддел за итна медицинска помош за деца, возрасни и породилно, Коџа нагласи дека Градската болница содржи 8 различни болнички гранки.
Тоа се: општа болница, детска болница, ортопедска болница, неврологија, породилно, кардиоваскуларна хирургија, болница за онкологија, физикална терапија и рехабилитација и психијатриска болница.
Министерот за здравство исто така додаде дека откако болницата ќе почне да работи со цел капацитет ќе биде единствената болница во Европа во која во еден кампус ќе има најголем капацитет за интензивна нега.