Darren Lyn
19 Февруари 2026•Ажурирај: 20 Февруари 2026
ХЈУСТОН (АА) - Осум скијачи загинаа во лавина кај езерото Тахо, во американската сојузна држава Калифорнија, а уште едно лице се претпоставува дека е мртво, според јавувањата на медиумите, пренесува Анадолу.
Надлежните соопштија дека групата била на еднодневна скијачка експедиција во вторникот кога се случила лавината.
Шест члена на групата преживеале, но официјалните лица изјавија дека едно лице сè уште е исчезнато и се верува дека е мртво.
„Разговаравме со семејствата на лицата кои сè уште се водат како исчезнати и им соопштивме дека нашата мисија се префрла од спасување во мисиија на пронаоѓање“, изјави шерифот на округот Невада, Шанан Мун, за новинарите. „Тешко е да се разговара со најблиските во вакви околности.“
Властите рекоа дека лавината по обем била приближно голема колку американски фудбалски терен, околу 100 јарди (91,44 метри).
Напорите за пронаоѓање се попречени од тешките услови предизвикани од обилниот снег и силните ветрови, оставајќи ги телата на осумте потврдени жртви и деветтиот, за кој се претпоставува дека е мртов, на местото на настанот. Во областа постои значителен ризик од повторни лавини.
„Ризикот е сè уште висок, со оглед на тоа што мисијата сè уште трае“, рече Мун. „Сакаме навистина да се осигуриме дека нашите екипи се безбедни.“
Шерифот на округот Плејсер, Вејн Ву, чии заменици помагаат во операцијата, рече дека пронаоѓањето на сите девет тела може да потрае.
„Сите сме максимално посветени да го завршиме ова до крај“, рече Ву. „Во овој момент, ќе мора да почекаме, се надевам, пристојно олабавување на временските услови и да се осигуриме дека ќе ги извлечеме сите тела од таа планина.“