Mücahit Aydemir,Mehmet Nuri Uçar
03 Јули 2023•Ажурирај: 04 Јули 2023
ЏЕНИН (АА) - Во воздушен напад на израелската војска рано утрово врз окупираниот град Џенин на Западниот Брег животот го загубија најмалку пет Палестинци, додека 27 се повредени, јавува Анадолу.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека четворица Палестинци загинале во воздушен напад врз Џенин изведен од страна на Израел, додека еден Палестинец бил застрелан во главата како резултат на отворен оган од израелските војници во градот Ал-Бира.
Евидентирано е дека во израелскиот напад на Џенин повредени се 27 Палестинци, од кои седум потешко.
Израелските воени авиони гаѓаа станбени објекти во Џенин со три проектили.
По воздушниот напад, израелската војска изврши напад на градот со оклопни воени возила и го блокираше истоимениот бегалски камп.
„Израелските сили ја опколиле куќата на семејството на Закарија ез-Зебиди, командант на едно вооружено крило на движењето Фатах“, рекоа очевидци.
Самих Фирас Абу ал-Вафа (21) е идентификуван како еден од убиените, јави палестинската новинска агенција ВАФА.
Опсадувајќи го кампот од различни страни за време на рацијата, израелските војници ги попречуваа возилата на брзата помош кои се обидуваа да ги евакуираат ранетите.
Израелската војска наведе дека цел на воздушниот напад врз Џенин била „заедничка оперативна соба“ на палестинските побуненици, наречена „Бригада Џенин“.
Бројот на загинати Палестинци во израелските напади на Западниот Брег и воздушните напади во опколениот Појас Газа од почетокот на годината порасна на 185.