Çağrı Koşak
10 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
РИЈАД (АА) - Најмалку четири лица се повредени во обид за напад со дрон на Меѓународниот аеродром „Абха“ во југозападниот дел на Саудиска Арабија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Просаудиската коалиција за интервенции и поддршка на меѓународно признатата јеменска Влада соопшти дека саудиската воздушна одбрана пресретнала и уништила беспилотно летало кое се движело кон Аеродромот „Абха“.
Четири лица се повредени од остатоците од урнатото летало во близина на аеродромот.
Слични напади на аеродромите во Саудиска Арабија претходно изведе и проиранската бунтовничка јеменска група на Хусите, но досега таа не ја презеде одговорноста за последниот напад.
Јемен е средиште на судири и насилство од 2014 година, кога бунтовничкото движење на Хусите ја презеде контролата врз голем дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, со цел да ја врати јеменската Влада, ја влоши ситуацијата.
Во Јемен сега владее една од најтешките хуманитарни кризи во светот предизвикани од човекот, при што на речиси 80 отсто од Јеменците, или на околу 30 милиони луѓе, им е потребна хуманитарна помош и заштита. Над 13 милиони се во опасност од глад, според проценките на ОН.