Bedrudın Brljavac
29 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Февруари 2020
ЗАКОПАНЕ (AA) - Во Полска е изграден најголемиот снежен лавиринт кој привлекува големо внимание не само кај локалното население, туку и кај странските туристи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Снежниот лавиринт, кој изгледа како во бајките, се наоѓа во градот Закопане, на границата со Словачка. Закопане е мало гратче и популарна дестинација за зимски спортови, но и за туризам.
Секој ден ова необично здание го посетуваат голем број луѓе, често и цели семејства, кои заедно се обидуваат да пронајдат излез од лавиринтот.
Идејата за изградба на снежен лавиринт првпат се појавила во зимската сезона 2015/2016 година, а оваа година стана вистинска атракција во градот кој често го нарекуваат и снежна престолнина на Полска.
Снежниот лавиринт е изграден на површина со големина од 3.000 метри квадратни. Лавиринтот е составен од преку 60 илјади блокови мраз.
За изградба на оваа зимска атракција бил потребен околу еден месец, а во градењето учествувале 50 работници.
Кога се наближува вечерта, лавиринтот е осветлен, поради што целото планинско опкружување изгледа како од бајките.