Ayhan Şimşek,Ekip
06 Октомври 2022•Ажурирај: 07 Октомври 2022
ПРАГА (АА) – Денеска во чешкиот главен град Прага започна првиот состанок на Европската политичка заедница, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Погледнете ја важноста [на овој состанок], целиот континент е тука, освен две земји, Белорусија и Русија“, изјави за новинарите белгискиот премиер Александар де Кро на патот кон Самитот.
Шефовите на држави и влади од 44 земји – 27 членки на ЕУ и 17 други европски земји, вклучително и Туркије и Северна Македонија – учествуваат на Самитот чиј домаќин е чешката Влада која го презеде ротирачкото претседавање со Советот на Европската Унија.
Де Кро рече дека лидерите на нивниот состанок ќе се осврнат на „исклучително важната тема“ за европската безбедност, со цел да се подобри безбедносната средина, да се подготват за понатамошна ескалација на украинскиот конфликт и да се справат со енергетската криза и инфлацијата.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој во мај предложи формирање на Европската политичка заедница, Самитот го нарече „важен момент“, бидејќи тој ја носи „пораката за европско единство“ и започнува „стратешки дискусии кои досега не постоеле“.
Тој изрази надеж дека лидерите ќе можат да се договорат за заеднички проекти, бидејќи „ние го делиме истото место, често иста историја и посветеноста да ја пишуваме истата историја“.
Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Европската политичка заедница ќе биде корисен форум кој почесто ќе ги собира политичките лидери за да разменуваат мислења за клучните прашања и без притисок да се договорат за официјално коминике.
„Ова е добро за мирот, за безбедносниот поредок, ова е добро за економскиот развој и просперитетот. И, се разбира, ЕУ може дополнително да ги подобри своите односи со соседните земји, од кои повеќето бараат членство во ЕУ“, рече тој.
Шолц нагласи дека со Европската политичка заедница не се стремат кон создавање нови институции, структури или бирократија, туку би сакале да овозможат почеста размена на мислења меѓу лидерите на европските земји.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа, од своја страна, Самитот на Европската политичка заедница го нарече „Обединетите нации во Европа“.
Тој изрази надеж дека и покрај нивната различност, 44-та лидери ќе можат да најдат „заеднички став“ и да постават заеднички цели, вклучително и поддршка за Украина, која тој ја смета за „приоритет број еден“.
Холандскиот премиер Марк Рут истакна дека Европската политичка заедница „не е алтернатива на проширувањето“, туку „платформа, организација за европските лидери да разговараат за главните прашања на денот, војната во Украина, како и за климатската заштита и економската состојба“.
Косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу, исто така, истакна дека „секој од нас е на еднаква основа“ на Самитот за да „даде идеи и да учествува во акција кога станува збор за заедничките предизвици со кои се соочуваме“.
За време на Самитот, сите лидери заедно учествуваат на воведната сесија и на завршната вечера и во помали групи на дискусии на тркалезни маси на различни теми, како што се безбедноста, стабилноста, енергетиката, климата, мобилноста и економијата.
Тие, исто така, одржуваат билатерални разговори во рамките на настанот.
Во платформата, освен лидерите на 27-те земји на ЕУ дел се и 17 други европски земји - Туркије, Велика Британија, Украина, Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Азербејџан, Норвешка, Ерменија, Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија и Грузија.
Лидерите ќе продолжат и утре (петок) со неформалниот Самит за да разговараат за одговорот на Блокот на енергетската криза и руската војна во Украина.