Faruk Zorlu,Servet Günerigök
06 Октомври 2022•Ажурирај: 07 Октомври 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, вети целосна поддршка во вид на помош за Флорида, која минатата недела беше погодена од ураганот Ијан, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сакам луѓето на Флорида да знаат дека ја имаат мојата посветеност и посветеноста на Америка, дека нема да заминеме и ќе бидеме со вас во текот на целиот овој процес“, рече Бајден вчера на прес-конференцијата.
Тој додаде дека имаат една работа - да се погрижат луѓето од Флорида да добијат сѐ што им е потребно за целосно закрепнување.
За време на посетата, Бајден разговараше со граѓаните и претприемачите за да ја „афирмира својата посветеност за поддршка на народот на Флорида додека тие закрепнуваат и ја обновуваат државата“.
Тој додаде дека ќе биде потребно долго време, „не недели или месеци, туку години за Флорида целосно да закрепне и да се обнови“.
Невремето од минатата среда предизвика уништување и поплави. Повеќе од 100 луѓе загинаа, а повеќе од 3.000 луѓе беа спасени.
Бајден рече дека е неопходно сите, федералните, државните и локалните партнери, како и приватниот сектор, да соработуваат за да се преземат мерки и да се спречат слични катастрофи во иднина.
„Ветувам дека ќе бидеме со вас на секој чекор од процесот“, рече тој.