Gözde Bayar
03 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
АНКАРА (АА) - Една од четири здравствени установи во светот се соочува со недостаток од вода, со што се зафатени над две милијарди луѓе во светот, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Околу 896 милиони луѓе користат здравствени установи во кои нема вода, додека 1,5 милијарди луѓе користат здравствени установи кои немаат санитарни услови“, се вели во извештајот на Светската здравствена организација (WHO) и Заедничката програма на УНИЦЕФ за мониторинг на водоснабдувањето и хигиената.
Извештајот е првата детална глобална проценка за водоснабдувањето, канализационата инфраструктура и хигиената во здравствените установи (WASH), која ги вклучува и националните податоци од 125 земји добиени врз основа на утврдување на состојбата на над 560.000 здравствени установи.
„Оваа глобална проценка е предуслов за квалитетна нега, и е особено важна за безбедно управување со породувањата“, се истакнува во извештајот, во кој се додава дека овие предуслови се важни за спречување инфекции и ширење на бактериите, особено кога станува збор за породувањата.
Извештајот понатаму нагласува дека на глобално ниво, едно од пет породувања се случува во најмалку развиените земји, наведувајќи дека 17 милиони жени во овие земји се породуваат во здравствени центри со несоодветни услови во однос на водоснабдувањето, канализационата мрежа и хигиената.
Во извештајот исто така се истакнува дека на годишно ниво над еден милион од смртните случаи се поврзани со породувања во нехигиенски услови.
„Во 2017 година 7.000 новороденчиња умираа секој ден претежно од состојби кои се превенираат и лекуваат“, велат од УНИЦЕФ, повикувајќи ги властите да обезбедат секоја мајка да има пристап до соодветна здравствена заштита.
СЗО и УНИЦЕФ - преку Заедничката програма за мониторинг на водоснабдувањето, канализационата инфраструктура и хигиената - даваат редовни известувања за водоснабдувањето и хигиената од 1990 година.