Emre Karaca
28 Мај 2019•Ажурирај: 29 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Оваа година, во сезоната на искачување на планината Еверест животот го загубија 11 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави „Си-ен-ен“ (CNN), вчера, при симнување од врвот на Еверест, животот го загубил 62-годишниот американски адвокат Кристофер Џон Кулиш.
Се наведува дека на Кулиш одеднаш му се слошило при симнувањето од врвот, по што починал. Кулиш е 11-тото лице кое оваа година го загуби животот на Еверест во сезоната на искачување.
Генералниот секретар на Асоцијацијата на планинари на Непал, Кул Бахадур Гурунг, изјави дека на Еверест има планинари повеќе од дозволеното.
Властите соопштија дека лошите временски услови, недостигот на искуство и зголемениот број комерцијални патувања го зголемуваат ризикот од смрт.
Зголемениот број планинари кои сакаат да се искачат во деловите на Еверест над 7.900 метри и метежот на тие височини кои се нарекуваат и „зона на смртта“, создаваат голема маса луѓе на тој простор, што е причина за зголемена смртност.
Од 1922 година досега, повеќе од 200 планинари ги загубија своите животи на врвот на Еверест. Се верува дека телата на голем број од загинатите планинари се наоѓаат под мразот или снегот на падините на Еверест.