Riyaz ul Khaliq
28 Мај 2019•Ажурирај: 29 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Најновиот извештај издаден од Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации (ОН) ја истакна ендемската корупција во Северна Кореја, велејќи дека луѓето се принудени да плаќаат мито за да преживеат, јавува Anadolu Agency (AA).
Владата на Пјонгјанг сепак го отфрли извештајот и го опиша како политички мотивиран.
„Неуспехот на државата да ги обезбеди основните потреби за живот ги присилува [луѓето] да се свртат кон рудиментарните пазари, каде што се соочуваат со кршење на човековите права во неизвесна правна средина“, се вели во извештајот.
Извештајот се базира на сведочењата на 214 граѓани, кои побегнале од комунистичката земја во 2017 и 2018 година и кои во моментот се наоѓаат во Јужна Кореја.
Ѓу Чан Јанг, која пребегнала во Јужна Кореја во 2011 година, на прес-конференцијата во Сеул организирана од Канцеларијата за човекови права на ОН изјави дека била принудена да ги продава забранетите производи од Јужна Кореја и САД преку сивата економија со поткуп на властите.
„Доколку ве фатат и немате да платите поткуп, може да бидете егзекутирани, исто како моите роднини“, изјави таа.
Во извештајот се тврди дека јавниот дистрибутивен систем во Северна Кореја е прекинат. „Луѓето се стремат да преживеат во законски несигурна паралелна економија, изложени се на произволно апсење, притвор и изнудување“, додаде таа.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Мишел Бачелет, истакна:
„Правата на храна, здравје, засолниште, работа, слобода на движење и слобода се универзални и неотуѓиви, но во Северна Кореја тие првенствено зависат од способноста на поединците да ги поткупат државните службеници.“
Во извештајот понатаму се наведува дека атмосферата на постојана закана за апсење и гонење ги овластува државните службеници да изнудат пари и други услуги од луѓето кои се очајни, за да се избегнат нехуманите услови за притвор. Таа рече дека особено жените се подложни на злоупотреба од страна на брокери и трговци со луѓе.