Ikrame Imane Kouachi
13 Октомври 2024•Ажурирај: 14 Октомври 2024
КАИРО (АА) - Дваесет лица се повредени денес во судир на возови во египетската провинција Миња, при што два вагони паднале во канал за наводнување, соопштија египетските власти, пренесува Анадолу.
Египетските национални железници соопштија дека несреќата се случила кога воз удрил во задниот дел на друг што патувал од Асуан кон Каиро, во подрачјето помеѓу Абу Куркас и Миња. Од ударот два вагони од вториот воз излетале од шините и паднале во каналот Ибрахимија.
Египетските национални железници испратија опрема за итни случаи и кранови на местото на несреќата. Возот е одвоен од вагоните кои излетале од шините и го продолжил своето патување кон Каиро, според соопштението, иако не се наведени дополнителни детали.
Египетското Министерство за здравство објави дека инцидентот се случил утрово, што предизвикало состојба на медицинска готовност во блиските болници. На местото на несреќата се испратени 23 возила за брза помош, а првичните прегледи покажале дека станува збор за мали повреди како набиеници, гребнатини и површни рани. Не се пријавени загинати, а лекарите сѐ уште ги прегледуваат повредените.
Во последниве години, Египет работи на подобрување на својот железнички систем за да спречи несреќи, фокусирајќи се на надградба на опремата, инфраструктурата и обуката на работната сила. Министерот за транспорт, Камел ал-Вазир, истакна дека околу 2,5 милиони луѓе секојдневно ги користат египетските железници.