Burak Karacaoğlu
25 Октомври 2019•Ажурирај: 26 Октомври 2019
ТЕЛ АБЈАД (АА) - Голем дел од цивилите го продолжуваат животот во Тел Абјад, кој е ослободен од терористите со операцијата „Извор на мирот“, јавува Anadolu Agency (AA).
Животот во Тел Абјад, кој е ослободен од тероризмот со операцијата „Извор на мирот“, се враќа во нормала.
Пекарници, колонијали, продавници за храна, бербери, аптеки и рестораните во областа работат нонстоп за да ги задоволат потребите на локалното население.
Децата на улиците на Тел Абјад играат фудбал и возат велосипеди. И се многу среќни што градот е ослободен од терористите.
Жените од Тел Абјад веќе одат на посета кај своите соседи, возрасните разговараат во чаршијата. Сето тоа покажува дека во голема мера е избришана трагата од теророт.
- „Ние Арапите, Турците и Курдите сме браќа“
Ебу Ахмет од Тел Абјад во изјава за АА рече: „Ние Арапите, Турците и Курдите сме браќа. ЈПГ/ПКК се обиде да не раздели, но, ние знаеме дека сме браќа.“
„Очекуваме во областа да се отворат локалните совети и полициските станици, а електричната енергија и водната инфраструктура да работи нормално“, нагласи Ебу Ахмет.
Истакнувајќи дека терористите, за време на окупацијата на градот, постојано се заканувале и кажувале лаги за Турција, Ебу Ахмет рече: „Постојано ни се закануваа. Вложија многу напори за да бидеме против Турција. Го приведоа и имамот затоа што на хутба (говор за време на петочната молитва) не кажуваше лаги.“
- „Многу страдавме од ЈПГ/ПКК“
Еден Туркмен од Тел Абјад, кој не сакаше да се претстави поради тоа што неговото семејство живее во областа која се наоѓа под контрола на режимот, рече: „Многу страдавме од ЈПГ/ПКК. Направија сè. Ни земаа арач, нè третираа како луѓе од втор ред.“
Објаснувајќи дека од Турција доаѓа помош, лицето од туркменскиот народ рече дека можат да ги задоволат основните човечки потреби, но немаат електрична енергија и вода.
- Состојбата во Тел Абјад -
Подрачјето на Тел Абјад, поврзано со Рака, чие население е претежно арапско, во јуни 2014 година беше окупирано од терористичката организација ДЕАШ.
Терористичката организација ЈПГ/ПКК една година подоцна со интензивна поддршка од Соединетите Американски Држави (САД) ја презеде контролата врз Тел Абјад.
Терористите на ПКК ги примораа Арапите од подрачјето и Туркмените што живеат во западниот дел да го напуштат подрачјето, со закани дека „коалициските авиони ќе извршат воздушни напади во регионот“.
На 13 октомври, во рамките на операцијата „Извор на мирот“, Тел Абјад беше ослободен од терористите.