ЊУЈОРК/АНКАРА (АА) – Во торнадата што зафатија делови од југот и средниот запад на Соединетите Американски Држави животот го загубија најмалку 26 лица, јавува Анадолу.
Националната метеоролошка служба (NWS) соопшти дека во изминатите 24 часа биле пријавени над 60 торнада на подрачја во осум сојузни држави, меѓу кои се и Арканзас, Мисисипи, Ајова, Тенеси, Илиноис и Висконсин.
Торнадата однесоа девет животи во Тенеси, пет во Арканзас, три во Индијана и четири во Илиноис, а други жртви од невремето се пријавени и во Алабама и Мисисипи.
Гувернерката на Арканзас, Сара Хакаби Сандерс, прогласи вонредна состојба.
Домови и деловни објекти беа тешко оштетени, а илјадници останаа без струја во регионите погодени од торнадата и бурите.
Националната метеоролошка служба, исто така, потврди дека торнадото што го погоди главниот град на Арканзас, Литл Рок, е големо, со максимални ветрови со брзина од 265 километри на час.
Издадено е предупредување за силно невреме за Тенеси, Кентаки, Алабама, Мисисипи, Илиноис, Индијана и Мичиген.
Околу 530.000 домаќинства останаа без електрична енергија во делови на САД, од кои 200.000 во Охајо, според PowerOutage.us, веб-страница што ги следи прекините на електрична енергија.
Последниот бран на тешки временски услови доаѓа една недела по серијата смртоносни бури што го зафатија југоистокот со торнадо во кое загинаа најмалку 26 луѓе во Ролинг Форк, Мисисипи.