Gizem Nisa Çebi
27 Декември 2024•Ажурирај: 27 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Севернокорејски војник, распореден во руските трупи во војната против Украина, бил заробен од украинските сили, потврди денес Јужна Кореја, пренесува Анадолу.
„Преку брзо споделување информации со разузнавачката агенција на сојузничката земја, потврдено е дека е заробен еден ранет севернокорејски војник“, се вели во соопштението на јужнокорејската Национална разузнавачка служба.
Ова е прва официјална потврда за заробување на севернокорејски борец во конфликтот.
Објавата доаѓа по изјавата на украинскиот претседател Владимир Зеленски претходно оваа недела дека речиси 3.000 севернокорејски војници биле „убиени или ранети“ за време на војната.
Началникот на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја во понеделникот соопшти дека над 1.000 севернокорејски војници загинале и дека Пјонгјанг се подготвува за „ротација или дополнително распоредување војници“.
Северна Кореја, исто така, ја снабдува Русија со напредно вооружување, меѓу другото и со ракетни лансери од 240 мм и самоодна артилерија од 170 мм.
Војската на Сеул смета дека Северна Кореја ја користи војната за да ги модернизира своите конвенционални воени способности преку искуство на бојното поле.
Во меѓувреме, севернокорејските државни медиуми го истакнаа зајакнувањето на односите меѓу Пјонгјанг и Москва, а рускиот претседател Владимир Путин го пофали нивниот одбранбен пакт како историски документ и ги истакна подобрените билатерални односи по разговорите со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во јуни.