Alaattin Doğru
10 Ноември 2020•Ажурирај: 11 Ноември 2020
ПАРИЗ (АА) - Во Франција наставниците низ земјата штрајкуваат поради епидемијата на Ковид-19, а од друга страна учениците во некои средни училишта во главниот град Париз протестираа поради тоа што образованието продолжува под недоволни мерки на претпазливост и покрај епидемијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Дирекцијата за образование во Париз извести дека учениците во 5 средни училишта низ градот поставиле барикади на влезот на училиштата.
Учениците од Гимназијата „Колбер“ и Гимназијата „Брасенс“, кои и претходно се судрија со полицијата, организираа протести со седење. Полицијата пак интервенираше со солзавец и палки кон учениците кои не сакаа да прекинат со протестот.
Учениците реагираат на продолжувањето на образованието без да бидат преземени соодветни мерки против Ковид-19 и без да биде намалено времетраењето на часот.
Низ целата земја, исто така, од денес со повикот на 5-те синдикати за образование штрајкуваат голем број наставници.
Синдикатите тврдат дека Министерството за национално образование не презема други мерки освен маски и средства за дезинфекција во училиштата.
Тие сакаат времетраењето на часовите да се намали на половина, а наставата во училиште и онлајн наставата да се реализираат наизменично.
И покрај одлуката за целодневен полициски час пред една недела поради појавата на Ковид-19 во Франција, беше одлучено образованието во училиштата да продолжи.