Yusuf Özcan
16 Мај 2020•Ажурирај: 17 Мај 2020
ПАРИЗ (АА) - Во Франција е уапсен Фелисиен Кабуга, обвинет за убиство на стотици илјади луѓе во геноцидот во Руанда од страна на Меѓународниот кривичен суд, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од Обвинителството во Париз се истакнува дека 84-годишниот Кабуга бил уапсен во неговиот дом во Аниер сур Сен, предградие на Париз, каде што живеел со лажен идентитет.
Наведено е дека Кабуга, кој се бара веќе 25 години, бил фатен со операција организирана од тимовите на жандармеријата, кои се борат против злосторства врз човештвото.
Се истакнува дека Фелисиен Кабуга ќе биде предаден на Меѓународниот кривичен суд во Руанда (ICTR), што е отворен под покровителство на Обединетите нации (ОН), за да му се суди за сторени кривични дела против човештвото.
„Апсењето на Фелисиен Кабуга потсетува дека одговорните за геноцидот се судски гонети и 25 години подоцна“, рече Серж Брамерц, јавен обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Руанда (ICTR).
Кабуга е обвинет за смртта на стотици илјади луѓе во геноцидот во Руанда.
Тој е исто така обвинет за финансирање на Хутите, кои го извршија геноцидот.
Кабуга во јули 1994 година се засолнил во Швајцарија, а откако бил протеран од таа земја заминал за Демократска Република Конго. Тој успеа да избега од полициските операции организирани во јули 1997 и во 2003 година во Најроби, главниот град на Кенија.