Abdullah Aşıran
07 Април 2018•Ажурирај: 08 Април 2018
РОТЕРДАМ (AA) - Група муслимани во 17 различни холандски градови делеа ружи за да на тој начин ги отстранат предрасудите кои постојат кон припадниците на исламската вероисповед, јавува Anadolu Agency (AA).
Настанот во Холандија е само дел од пошироката програма која оваа седмица, во организација на Исламската заедница Милили Горуш (IGMG), се одржува ширум Европа, Канада и Австралија.
Околу 250 волонтери делеа денеска 27.000 ружи и брошури за исламот со цел промоција на мирот и дијалогот во светот.
Една од целите на манифестацијата „Здраво, јас сум муслиман" е да го охрабри дијалогот и соработката на муслиманите и немуслиманите.
Волонтерот Идрис Ердоган за АА изјави дека делеле брошури и ружи со цел рушење на предрасудите за исламот и муслиманите кои владејат во последните години во Европа и Холандија.
Холанѓанката Петра Вармердам смета дека ова е многу убава активност.
„Мислам дека е многу добро луѓето да се приближат. Има многу погрешни мислења. Луѓето генерално не се познаваат", рече Вармердам.
Пратеникот во Парламентот на Холандија Тунахан Кузу учествува во проектот од самиот почеток и смета дека е поребно да се направи се што е во моќта на луѓето за да се смени кон подобро имиџот на европските муслимани во западните земји.
Настанот беше организиран и на 200 други места во бројни европски земји, вклучувајќи ги Германија, Австрија, Швајцарија, Белгија, Франција, Данска, Шведска, Норвешка, Италија, Австралија и Канада.