Ekipa
08 Април 2018•Ажурирај: 08 Април 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Бројот на загинати цивили во нападот со хемиско оружје извршен вчера во подрачјето на Дума, Источна Гута, која е под блокада на Асадовиот режим во Сирија, се искачи на 78 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во денешниот специјален извештај потпишан од страна на лекарите од Источна Гута, Сулеман Какех и Ајман Арбаш, се наведува дека бројот на загинати во вчерашниот напад се искачил на 78 лица.
Во снимките од нападот со хемиско оружје во подрачјето се забележува дека повеќето жртви загинале со отворени очи и без крварење, а во нивната уста и нос се забележува бела пена предизвикана од гушење.
Силите на режимот, кои пред неколку дена започнаа со интензивни напади врз Дума, која е под контрола на опозицијата во Источна Гута, на 19 март во ова подрачје изврши хемиски напад со хлорен гас.
Од друга страна, во извештајот објавен на 4 април од Сириската мрежа за човекови права (SNHR) се наведува дека Асадовиот режим, од почетокот на граѓанската војна во Сирија досега, извршил 214 напади со хемиско оружје, додека по масакрот во Хан Шејхун извршил 11 напади со хемиско оружје.
Моментално, околу 100.000 лица живеат под блокада во подрачјето на Дума, кое е последната точка во Источна Гута под контрола на опозицијата.