Emre Aytekin
23 Октомври 2019•Ажурирај: 24 Октомври 2019
ХОНГКОНГ (АА) – Повлечен е предлог-законот за екстрадиција на криминалците, кој доведе до масовни протести во кинеската автономна област Хонгконг од почетокот на јуни, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерот за безбедност на Владата во Хонгконг, Џон Ли, официјално најави дека предлог-законот со кој се олеснува екстрадицијата на криминалците во Кина, Макао и Тајван се повлекува.
Ли, во обраќањето во Законодавниот дом рече: „Изјавувам дека предлог-законот официјално е повлечен.“
Опозицијата се спротивстави на предлог-законот, бидејќи тој ќе ја наруши автономната структура на управување во Хонгконг и ќе доведе до тоа независното судство да потпадне под контрола на Кина.
Од друга страна, Чан Тонг-каи, обвинет за убиство на неговата девојка во Тајван, беше ослободен откако неговата казна затвор од 18 месеци заврши во Хонгконг. Тој во Хонгконг лежеше во затвор под обвинение за перење пари.
Обвинетиот Чан рече дека сака да се предаде на Тајван, каде што се бара поради убиство.
Кина, која е поврзана со Хонгконг, не го признава суверенитетот на Тајван. Затоа не е можно да се склучи договор за екстрадиција меѓу Тајван и Хонгконг.
- Предлог-законот и протестите
Администрацијата во Хонгконг на 3 април до Парламентот го испрати предлог-законот со кој се олеснува екстрадицијата на криминалците во Кина, Макао и Тајван.
За предлог-законот во Собранието се водеше интензивна дебата, а од јуни започнаа да се одржуваат големи масовни протести на улиците на Хонгконг.
Поради постепеното зголемување на обемот и сериозноста на протестите, Кери Лам во јули објави дека законот е суспендиран. Сепак демонстрациите не прекинаа, па затоа таа на 4 септември објави дека предлог-законот е откажан.