Mücahit Oktay
22 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
ЊУЈОРК (АА) - Во американската сојузна држава Њујорк откриен е првиот случај на вирусот на мајмунски сипаници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за здравство на Њујорк се наведува дека вирусот на мајмунски сипаници е откриен кај едно лице во таа американска сојузна држава, додавајќи дека се обиделе да дојдат до другите лица кои можеби биле во контакт со заразеното лице.
Министерството истакнува дека споменатото лице е задржано во изолација и на лечење во Центарот за контрола на болести (CDC).
Официјални лица во четвртокот соопштија дека истражуваат два можни случаи на мајмунски сипаници, вирус кој ретко се гледа надвор од Африка и кој може да предизвика симптоми слични на грип.
Светската здравствена организација (WHO) досега потврди 80 случаи на мајмунски сипаници, додека 50 случаи сѐ уште се истражуваат.
Мајмунските сипаници се сродни со големите сипаници кои се искоренети во 1979 година, помалку се преносливи и помалку смртоносни. Главна разлика меѓу симптомите на големите сипаници и мајмунските е во тоа што мајмунските сипаници предизвикуваат отоци на лимфните жлезди, а големите не.
Глодарите, вклучувајќи ги и оние што се држат како домашни миленичиња, и мајмуните можат да го носат вирусот и да го пренесат на луѓе.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести соопштија дека симптомите на сипаниците почнуваат со грозница, главоболка, болки во мускулите и исцрпеност. По неколку дена, пациентите можат да развијат осип што минува низ различни фази. Болеста обично трае од две до четири недели.
Вирусот, кој обично се пренесува од животни на луѓе, а ретко од лице на лице, може да предизвика висока температура и пликови кои предизвикуваат чешање по телото.