Michael Hernandez
06 Декември 2018•Ажурирај: 07 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) започнаа подготовки за пуштање на воен брод на морнарицата во Црното Море, поради зголемените тензии околу руското запленување на украински бродови и морнари, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пентагон побарал од Стејт департментот да ја информира Турција за евентуално впловување на бродот, објави „Си-ен-ен“ (CNN), цитирајќи тројца анонимни официјални лица.
САД, во согласност со Конвенцијата од Монтре од 1936 година, се обврзани да ја известат земјата која го регулира движењето на воените бродови преку стратегискиот Босфорски Теснец и Дарданелите кои го поврзуваат Медитеранот со Црното Море.
Официјалните претставници со кои разговараше „Си-ен-ен“, истакнуваат дека плановите за евентуално влегување на воен брод во Црното Море се резултат на постапките на Русија.
Русија заплени два брода на украинската морнарица и еден реморкер, и зароби 24 члена на екипажот недалеку од Крим кон крајот на ноември, под изговор дека бродовите влегле во руски води и сакале да испровоцираат судир.
Руските власти соопштија дека бродовите ги игнорирале повиците за запирање, што предизвикало воена акција, а Русија интервенирала бидејќи украинските бродови се релоцирале од пристаништето во Одеса на Црното Море кон пристаништето во Мариупол на Азовското Море.
Ова уште повеќе ги затегна односите меѓу Москва и Киев.
Руската истражна комисија ги обвини Украинците за илегален премин на границата.
За возврат, украинскиот претседател Петро Порошенко забрани влез во земјата на машки лица на возраст од 16 до 60 години.
Тензиите меѓу Русија и Украина траат од 2014 година, кога Русија го анектираше полуостровот Крим по одржаниот спорен референдум.
Меѓународната заедница смета дека анексијата е нелегална, а изборите што Русија ги искористи за да ја оправда анексијата ги гледа како нелегитимни.