Yusuf Özcan
06 Ноември 2019•Ажурирај: 07 Ноември 2019
ПАРИЗ (АА) – 42 проценти од муслиманите кои живеат во Франција биле дискриминирани најмалку еднаш во животот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според анкетата на Институтот за истражување на јавното мислење (IFOP), 42 проценти од муслиманите изјавиле дека биле дискриминирани барем еднаш во својот живот.
„Муслиманите најмногу се дискриминираат при полициските контроли, апликациите за работа и кога сакаат да изнајмат куќа“, се истакнува во анкетата.
Од жените кои носат шамии, 60 проценти биле изложени на дискриминација барем еднаш во животот, додека оваа стапка кај муслиманските жени кои не носат шамии изнесува 44 проценти.
Покрај тоа, 24 проценти од муслиманите изјавиле дека биле вербално нападнати, а оваа стапка кај немуслиманското население изнесува 9 проценти. Исто така, процентот на муслимани кои биле физички нападнати е за 4 проценти поголем од процентот кај не-муслиманите.
Од муслиманките, 37 проценти кои носеле шамии истакнале дека биле навредени.
Во последните 5 години, 40 проценти од муслиманите и 17 проценти од не-муслиманите биле расистички нападнати.
Минатата недела Сенатот го усвои законот со кој се забранува мајките кои ги придружуваат учениците на училишните патувања да носат шамија.
Францускиот пратеник од екстремната десница, Жулиен Одул, пред околу две недели на состанокот во Бесанкон од една жена муслиманка побара да ја тргне шамијата пред нејзиниот син и ја нападна вербално. По настанот во земјата започна дебата и се зголемија изјавите чија цел беа муслиманите.
Францускиот претседател Емануел Макрон во изјавата дадена пред неколку дена, рече: „Мене шамијата на јавни места не ме интересира, но кога станува збор за јавните институции, училиштата и кога се држи предавање на децата, прашањето за шамиите ме интересира. Секуларизмот го бара тоа.“