Elena Trenchevska Chekovich
29 Мај 2025•Ажурирај: 30 Мај 2025
СКОПЈЕ (АА) - Претставници на странските медиуми се собраа во Мека за да го документираат светото патување на аџиите, доловувајќи импресивни снимки од Ќаба и нејзината околина од Кралската саат-кула, висока 601 метар, јавува Анадолу.
Муслиманите од целиот свет продолжуваат да ги исполнуваат своите верски обврски во светиот град за муслиманите, Мека, извршувајќи го аџилакот.
Како дел од медиумската иницијатива организирана од саудиските власти, на странските новинари им беше дозволен пристап до познатата Кралска саат-кула, која нуди ретка панорамска перспектива на аџилакот.
Од платформата за набљудување, новинарите ја снимаа Големата џамија и масите верници што ја обиколуваат Ќаба.
Фарха Руслан од малезиската новинска агенција „Бернама“, изрази восхит од глетката: „Ова е одлично искуство“, рече таа.
Кралската саат-кула, отворена во 2011 година, се издвојува како трета највисока зграда во светот и најмаркантна знаменитост на хоризонтот во Мека.
Лоцирана веднаш до Големата џамија, кулата од 120 ката го има најголемиот часовник во светот, видлив од километри.
Комплексот кули содржи и хотел со пет ѕвезди, трговски центар и музеј.