Ekipa
29 Јуни 2020•Ажурирај: 30 Јуни 2020
КАРАЧИ (АА) - Најмалку девет лица загинаа кога вооружени лица ја нападнаа зградата на Пакистанската берза во јужниот пристаништен град Карачи, соопшти полицијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Меѓу загинатите се и четворица напаѓачи, четворица припадници на обезбедувањето на Пакистанската берза и еден полицаец“, изјави за новинарите Мукадас Хајдер, челникот на градската полиција. Најмалку седум лица се повредени.
Гулам Наби Мемон, висок полициски службеник, пак изјави дека тешко вооружените напаѓачи упаднале во зградата преку паркингот, додавајќи дека во тек е операција за расчистување.
Абид Али Хабиб, директорот на берзата, изјави дека вооружените лица упаднале во зградата и почнале со неселективно пукање на првиот кат.
„Тие фрлиле и рачна граната, а на пукањето одговориле припадниците на обезбедувањето“, истакна Али Хабиб.
Полицијата соопшти дека на местото на настанот се испратени дополнителни полициски и воени припадници.