Mahmut Geldi
29 Јуни 2020•Ажурирај: 30 Јуни 2020
БЕЈРУТ (АА) – Вкупно 72 лица се повредени, од кои 16 војници, во судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили на северот на Либан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Протестите што започнаа минатиот четврток поради последиците од тековната економска криза, од саботата продолжија во главниот град Бејрут и во градовите Триполи, Бека, Сајда, Сур и Небатије.
Некои демонстранти, собирајќи се на меѓународниот автопат што минува низ градот Триполи, кој се наоѓа на северот на земјата, спречија минување на два камиона, кои нелегално пренесувале храна во регионот на режимот на Башар ал Асад во Сирија.
По ова започнаа судири меѓу полицијата и Армијата од една страна, и демонстрантите. Судирите продолжија во текот на целиот ден. На безбедносните сили, кои интервенираа со солзавец, демонстрантите им одговорија со камења и Молотови коктели.
Во соопштението на Службата за итна помош се наведува дека вкупно 72 лица се повредени, од кои 16 војници, како резултат на судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили.
Од друга страна, Царинската управа на Либан соопшти дека двата камиона, кои биле запрени на меѓународниот пат за време на нивниот транзит преку Триполи, носеле помош во храна од Обединетите нации (ОН) и од Меѓународната организација на Црвениот крст.
Либан ја доживува најголемата криза од Граѓанската војна во 1975-1990 година, а локалната валута, либанската лира, ја губи својата вредност.