Murat Temizer
17 Декември 2021•Ажурирај: 20 Декември 2021
МОСКВА (АА) - Процедурата на полнење со гас на втората линија од гасоводот „Северен тек 2“ започна на 17 декември, објави денеска проектната компанија „Северен тек 2АГ“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Активностите пред пуштање во употреба на втората линија беа успешно завршени за да се обезбеди интегритет на гасоводот. Слично на првата линија, со гас ќе биде наполнета и втората линија за да се обезбеди потребниот притисок.
Компанијата изјави дека ќе ги објави сите дополнителни технички чекори пред пуштањето во употреба.
„Гасоводот е изграден и независно сертифициран според применливите технички и индустриски стандарди за да се обезбеди сигурно и безбедно работење“, соопшти компанијата.
Гасоводот „Северен тек 2“, кој поминува под Балтичкото Море, ќе пренесува природен гас на повеќе од 1.230 километри од најголемите светски резерви на гас во Русија преку најефикасната рута до потрошувачите во Европа.
„Северен тек 2“ главно ќе ја следи рутата и техничкиот концепт на успешниот гасовод „Северен тек“.
Новиот гасовод ќе има капацитет да пренесува 55 милијарди кубни метри гас годишно, доволно да снабди 26 милиони домаќинства во Европа.