Aysu Biçer
20 Јануари 2023•Ажурирај: 23 Јануари 2023
ДАВОС
Претседателот на Србија Александар Вучиќ вчера за Агенција Анадолија изјави дека не очекува тензиите со Косово да прераснат во војна, пишува Агенција Анадолија (АА).
„Не очекувам војна и се надевам дека ќе успееме да ги надминеме сите потешкотии“, рече Вучиќ на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Вучиќ рече дека на форумот во Давос биле споделени многу ставови за ситуацијата на Косово, но на едно прашање никој не дал одговор.
„Зошто повелбата и резолуциите на ОН се важни и треба да се почитуваат кога се зборува за други земји, но кога во прашање е територијалниот интегритет на Србија, тоа не функционира? Во секој случај, ние ќе продолжиме да давеме сѐ од себе и да вложуваме свое време и труд за да обезбедиме стабилност и мир“, додаде Вучиќ.
Вучиќ во текот на разговорот се осврна и на односите меѓу Белград и Анкара, истакнувајќи дека Србија го смета преседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган за „вистински пријател и покрај различните ставови за независноста на Косово.“
Тој истакна дека Србија има „многу добри“ односи со Туркије, и додаде дека двете земји „ќе продолжат да работат заедно на сите полиња, за да ги направат уште подобри.“
Нагласувајќи дека Белград сака да ја унапреди соработката со Анкара на „воено-техничко ниво“, Вучиќ истакна дека на тоа поле сепак постојат одредени препреки, особено во врска со Косово.
„Кога ќе го надминеме тоа, сигурен сум дека ќе имаме многу што да направиме заедно на тоа поле. Секогаш сме спремни за разговори, за да видиме како би можеле да ги надминеме овие потешкотии и каков ќе биде неговиот (на Ердоган) придонес“, порача Вучиќ, додавајќи дека за Белград е неприфатливо Туркије истовремено да им продава дронови Бајрактар и на Србија и на Косово“.
Вучиќ нагласи дека неговата земја, освен дроновите Бајрактар, е заинтересирана и за купување на друга воена опрема од Туркије.