Ahmed Asmar
17 Април 2024•Ажурирај: 18 Април 2024
ГАЗА (АА) - 13 Палестинци загинаа денес во израелски воздушен напад врз група Палестинци во населбата Шеик Радван во северниот дел на градот Газа, јавува Анадолу.
Очевидци за Анадолу изјавија дека во израелскиот воздушен напад, кој се случи во подрачјето на Ал-Џиср во Шеик Радван, има и повредени.
Израелски дрон истрела најмалку еден проектил врз Палестинците кои се собираа за да фатат интернет-сигнал, додадоа тие.
Палестинските здравствени власти допрва треба и официјално да го соопштат бројот на жртви.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива на Појасот Газа од прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври во кој, според израелските власти, загинале околу 1.200 Израелци.
Во израелските напади врз Газа кои почнаа тогаш досега загинати се речиси 33.900 Палестинци, главно жени и деца, а над 76.500 се повредени.
Израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, а поради целосната блокада предизвика недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според податоците на ОН.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој во јануари донесе привремена одлука со која му наредува на Тел Авив да се погрижи неговите сили да не вршат акти на геноцид и да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.