Aida Cako
17 Јуни 2025•Ажурирај: 18 Јуни 2025
ГАЗА (АА) - Палестинците во Беит Лахија во Газа се собраа кај центарот за дистрибуција на помош, бидејќи недостигот од храна, вода и лекови продолжува да ја зафаќа воено разурнатата енклава, јавува Анадолу.
Носејќи вреќи со брашно и пакети со храна што успеале да ги набават, Палестинците се вратија во своите домови и засолништа.
Израел го блокираше влезот на хуманитарна помош, храна и медицински материјали во Газа од 2 март, што доведе до широко распространет глад и речиси колапс на здравствениот систем.
Новиот извештај за жариштата на гладот, објавен вчера од Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) и Светската програма за храна (СПХ), ги истакнува влошените услови во Газа, каде што целото население од 2,1 милион луѓе се соочува со криза за храна.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија спроведува брутална офанзива против Газа од октомври 2023 година, во која се убиени речиси 55.400 Палестинци, повеќето жени и деца.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид во Меѓународниот суд на правдата за својата војна против енклавата.