Betül Yürük
21 Јуни 2017•Ажурирај: 21 Јуни 2017
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, упати апел во операциите за ослободување на Рака од рацете на терористичката организација ДЕАШ, да се внимава на цивилите и на цивилната инфраструктура, јавува Anadolu Agency (AA).
Гутереш даде писмено известување во коешто вели дека застрашувачки се димензиите на цивилните жртви, раселувањата во Сирија, и ја истакна својата длабока загриженост за милионите луѓе кои се изложени на опасност и очај.
Тој истакна дека училиштата и болниците во коишто се сместени бегалците и понатаму се цел на нападите, и рече дека е загрижен за состојбата на цивилите, особено на оние во Рака, кои се во опасност бидејќи останале заробени во судирот меѓу двете страни.
Гутереш потсети на состојбата на цивилите кои се наоѓаат во подрачјата под опсада и на местата до коишто е тешко да се дојде, цивилите кои немаат пристап до основната храна и основна здравствена заштита. „Додека во тек се судирите во Рака, им се обраќам на сите страни што спроведуваат операции, да направат сѐ што е во нивна моќ за да ги заштитат цивилите и цивилната инфраструктура“, рече Гутереш.
Освен тоа, тој истакна дека од животно значење е без задоцнување да се достави хуманитарната помош во подрачјата.