Erbil Başay
30 Јуни 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
БЕРЛИН (АА) - Аналеа Баербок, кандидатката за премиер на Зелената партија на општите избори во Германија закажани за 26 септември, е обвинета за плагијат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Истражувачот на медиуми и писател, Австриецот Стефан Вебер, кого масовните медиуми го нарекуваат „ловец на плагијати“, тврди дека Баербок направила плагијат во својата најнова книга „Сега. Како можеме да ја смениме нашата земја“, објавена на 21 јуни.
Вебер истакнува дека во книгата на Баербок се наведени цитати од неколку списанија, интернет и публикации на Федералниот центар за политичко образование, без да се наведе изворот.
Нагласувајќи дека досега пронашол само неколку делови со помош на софтверот за проверка на плагијат, Вебер рече: „Сега се надевам дека ќе добијам посочувања и од страна на читателите.“
Вебер призна дека книгата не е научна студија, но рече дека од етички аспект не е коректно да се прави плагијат и во книгите.
Мајкл Келнер, генералниот секретар на Партијата на зелените, ѝ даде поддршка на Баербок, оценувајќи ги обвинувањата на Вебер како „кампања за дискредитација“.
Баербок претходно беше цел на критики откако се откри дека во Бундестагот не ги пријавила дополнителните хонорари што ги добила од својата партија и поради погрешни информации содржани во нејзината биографија.