Erbil Başay
28 Декември 2021•Ажурирај: 30 Декември 2021
БЕРЛИН
Германскиот министер за здравство, Карл Лаутербах, соопшти дека Владата купила еден милион кутии од лекот „Паксловид“ развиен од американската компанија „Фајзер“ за лекување на пациенти со тешка форма на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за германската новинска агенција ДПА, Лаутербах истакна дека лекот е исклучително ветувачки, бидејќи значително го ублажува тешкиот тек на Ковид-19 кога му се дава на пациентот во ран период.
„Очекувам со ова да успееме да спречиме голем број тешки случаи на интензивна нега“, рече Лаутербах додавајќи дека првата пратка на лекот се очекува во јануари.
- ФДА даде одобрение за итна употреба
Американската агенција за храна и лекови (FDA) соопшти дека на 22 декември е дадено одобрение за итна употреба на лекот.
Во соопштението се наведува дека лекот е безбеден и дека ќе биде важна алатка за намалување на хоспитализирањата и смртните случаи и дека лекот што ќе се продава на рецепт под името „Паксловид“ ќе се користи во лекувањето пациенти со висок ризик на возраст над 12 години.
Лекот ќе треба да се земе веднаш по дијагнозата на Ковид-19, во првите 5 дена откако ќе почнат да се појавуваат симптомите.
- Препорака од ЕМА
Во изјавата на Европската агенција за лекови (ЕМА), регулатор за лекови на Европската Унија (ЕУ), од 16 декември, се наведува дека лекот „Паксловид“ сè уште не е официјално одобрен за употреба во ЕУ, но дека може да се користи во третманот на Ковид-19 кај возрасни лица.