свет

Германија повика на прекин на активностите на терористичката организација ПКК во Сирија

„Сакам да бидам многу јасен: ПКК е терористичка организација и од перспектива на Германија, а милитантите на ПКК во северна Сирија мора да разберат дека сега сме во поинаква ситуација од периодот пред падот на Башар ал-Асад“

Ayhan Şimşek  | 14.01.2025 - Обновена : 15.01.2025
Германија повика на прекин на активностите на терористичката организација ПКК во Сирија

БЕРЛИН (АА) - Германија денес повика на крај на активностите на терористичката организација ПКК во Сирија, нагласувајќи дека сириската територија не треба да претставува безбедносна закана за Туркије, јавува Анадолу.

Координаторот за Сирија на Германија, Тобијас Линднер, за локалните медиуми изјави дека Берлин ги разбира легитимните безбедносни интереси на Туркије и дека се надева оти загриженоста на Анкара ќе биде решена преку политички дијалог.

„Сакам да бидам многу јасен: ПКК е терористичка организација и од перспектива на Германија, а милитантите на ПКК во северна Сирија мора да разберат дека сега сме во поинаква ситуација од периодот пред падот на Башар ал-Асад“, изјави Линднер за „Table Media“.

„Сирија не смее да се користи како оперативна база за ПКК да извршува напади против Туркије. Мора да се направи јасна разлика помеѓу ПКК и сириските Курди на север“, додаде тој.

Германскиот дипломат истакна дека западните земји одржуваат постојан дијалог со Анкара во врска со развојот на настаните во Сирија.

„Правиме сè што можеме за да обезбедиме Туркије да делува во согласност со нас, но нема гаранција за тоа“, рече тој, на прашањето за можната турска воена операција против структурите на ПКК во северна Сирија.

Линднер истакна дека Берлин го споделува ставот дека сите вооружени групи во Сирија треба да се интегрираат во новите владини безбедносни сили на земјата.

„Целта мора да биде сите милиции во Сирија, не само курдските, на крајот да се интегрираат во Сириските вооружени сили. Работиме на тоа“, рече тој.

„Она што сега ни е важно е да има организиран и инклузивен процес. Мора да има проверливи чекори и клучни точки – важна точка тука е прашањето за учеството на жените. Курдите, Друзите, Алавитите и христијаните, како и сите други Сиријци, мора да се видат себеси во овој процес“, нагласи Линднер.

Германскиот дипломат исто така ја потенцираше важноста на територијалниот интегритет на Сирија и изјави дека сите регионални актери, вклучувајќи го и Израел, се очекува да ги почитуваат овие граници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.