Ayhan Şimşek
29 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија целосно ќе ја прекине својата зависност од руската нафта и гас, изјави денес министерката за надворешни работи на земјата, Аналена Баербок, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на конференцијата за енергетика во Берлин, Баербок го осуди рускиот претседател Владимир Путин и рече дека неговата војна против Украина ја променила геополитиката и германските безбедносни проценки.
„Ова предизвика големо страдање за милиони луѓе, но исто така јасно ни стави до знаење дека мора да станеме целосно независни од рускиот увоз на гориво“, рече шефицата на германската дипломатија.
Баербок ги критикуваше претходните германски влади дека не презеле сериозни мерки за намалување на зависноста на земјата од увоз на руски гас, нафта и јаглен.
Таа рече дека руската нелегална анексија на Крим во 2014 година довела до дискусии во Европа за диверзификација на увозот на енергија, но дека владите не презеле никакви конкретни чекори.
„И сега ги гледаме последиците од ова на многу трагичен начин“, додаде таа.
Уделот на Русија во увозот на гас во Германија е околу 55 отсто, на јагленот 45, а на суровата нафта околу 35 отсто. Во Европската Унија 40 отсто од увезениот гас доаѓа од Русија.
Германската влада минатата недела објави амбициозен план за значително намалување на долгогодишната енергетска зависност од Русија.