Ayhan Şimşek
11 Март 2022•Ажурирај: 13 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц следната недела ќе ја оствари својата прва официјална посета на Турција, објави денеска портпаролот на германската влада, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција во Берлин, портпаролот Волфганг Бухнер рече дека канцеларот ќе отпатува во Анкара в понеделник на разговори со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но не даде повеќе детали за посетата.
Запрашан за дипломатските напори на Турција за прекин на огнот меѓу Русија и Украина, Бухнер ја нагласи поддршката на германската Влада за овие разговори.
„Се разбира, во принцип, ние ги поддржуваме сите дипломатски напори за ставање крај на руската агресивна војна“, нагласи тој.
Андреа Сасе, портпаролка на Министерството за надворешни работи, исто така, за новинарите изјави дека германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, била во близок контакт со нејзините колеги од Турција и Украина во последните неколку дена.
По напорите на Турција, рускиот и украинскиот министер за надворешни работи се состанаа во четвртокот во Анталија, на нивната прва директна средба од почетокот на војната на 24 февруари, но разговорите не доведоа до чекор напред.
Најмалку 549 цивили се убиени, а повеќе од 950 други се повредени во Украина од почетокот на војната, според податоците на ОН.
„Над 2,5 милиони Украинци, исто така, пребегнаа во соседните земји“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.